Проф. Платон Димиќ
Платон Димиќ е роден во 1907 г. во с. Баваниште, Ковин, Војводина, Србија. Дипломирал во 1929 година на математичката група на Филозофскиот факултет во Белград. Бил учесник во Втората светска војна, а во Белград се вратил во 1945 година. Во 1947 година Платон Димиќ (тогашен професор во средно училиште во Белград) бил избран за универзитетски предавач на Филозофскиот факултет во Скопје. Неговиот избор бил потврден на 26 август 1947 година. Потоа бил избран за хонорарен предавач на Техничкиот факултет во Скопје (од 1950 г.). На Институтот за математика работел до 8 октомври 1952 година, кога на сопствена молба бил разрешен од должноста за да премине на техничкиот факултет во Скопје како доцент. Од 1960 г. бил вонреден професор на Техничкиот (потоа на Градежниот) факултет во Скопје, се' до пензионирањето во 1969 година. Потоа живеел во Белград се' до својата смрт. Се истакнал како основоположник на средношколските натпревари по математика, вовел курсеви за надарени ученици, ја основал едицијата Математичка школа со книгите Десет години републички натпревари по математика и Десет години сојузни натпревари по математика. Оваа едиција работи и денес. Платон Димиќ дал значаен придонес во проучувањето на историјата на математиката и библиографијата на математичките учебници. Тој е и првиот методичар на математичката настава, а заслужен е и за почетоците на нумеричката математика (таблици), а заедно со Димитар Битраков, за набавката на првиот компјутер и неговата експлоатација во Македонија (1964 г.). За нашите студенти држел настава по алгебра (теорија на полиномите) и по методика.
Copyright © 2015 ИМ-ПМФ