Применета математика
Студиската програма по ПРИМЕНЕТА МАТЕМАТИКА од првиот циклус студиисо своите наставни содржини, облици и методи на наставаим овозможува на студентите стекнување темелни знаења и разбирања на резултати од областа на применетата математика и примена на најважните области од теориската математика. Со совладување на оваа студиска програмасе стекнуваат нужни компетенции за успешно вклопување на применетите математичари во модерните текови на технолошкиот развој. Во текот на студиите, студентите се запознаваат со основите на нумеричката анализа, диференцијалните и парцијалните равенки, но и со основите на оптимизацијата и стохастичките процеси. Притоа, кај студентите се развива компетенцијата за математичко моделирање на одредени ситуации од конкретни подрачја на применетата математика (на пример, транспорт на материи (во екологија,биологија, стопанство), управување со процеси, моделирање на бази на податоци итн.). Студентите се запознаваат со целиот процес на решавање вакви задачи од реалниот свет, почнувајќи од обликување на математичкиот модел, негова анализа преку негово решавање со аналитички и/или нумерички методи, со или без користење на софтверски алатки, па сè до интерпретација на добиените резултати. Студиите ги оспособуваат студентите за натамошно самообразование од областа на математиката, како и на науките во кои таа се применува. Во рамките на предложенава студиска програма, предвидено е изведување практична настава (од најмалку 30 дена годишно) којашто е во функција на практичното усовршување на студентите.
Студиската програма дава можност за понатамошна континуирана едукација на повисоко ниво на студии – втор циклус студии организиран од Институтот за математика и тоа, конкретно во студиските програми што ја опфаќаат примената на математиката, т.е. насоката Нумеричка оптимизација и апроксимации, но и во други области на математиката (теориска или примената, односно студентот има право, доколку има положено соодветни задолжителни и изборни предмети, односно диференцијални испити (за кои се изјаснува колегиумот на вториот циклус студии) да се запише било на теориската насока од вториот циклус студии – Математички науки и примени, односно применетата насока - Математичка статистика, актуарство и математичко моделирање во економијаили, пак, на насоката Математичко образование во основно и средно училиште).
Copyright © 2015 ИМ-ПМФ